Утринава во 8 часот почна аплицирањето на граѓаните – жители на Општина Битола на јавниот повик за субвенционирање на домаќинствата во општината за набавка и монтажа на високоефикасни инвертер клима уреди.

При аплицирањето евидентен е голем интерес, при што дел од граѓаните поднесоа успешни апликации. Но имаше и такви кои реагираа дека системот паднал, не само поради огромниот интерес на граганите туку и на техничките перфоманси на системот.

Дел од граѓаните поради непотполно следење на инструкциите дадени во упатството за аплицирање, сепак ги мултиплицирале барањата, со секое ново, поништувајќи го
претходното. На овој начин се создаде и слика дека дел од корисниците неправилно го користат системот. Притоа, поради ваквиот голем наплив се создаде технички проблем,
на чие решавање работи софтверската компанија.

– Сите успешно поднесени барања се внесени во базата на податоци. Сите граѓани кои аплицирале, ги замолуваме статусот на својата пријава да го проверат на својата мејл адреса. Времетраењето на прекинот за поднесување на барања, ќе биде соодветно надополнет со продолжување на рокот. Во најбрз можен временски рок веб-страницата
„btsubvencii.mk“ повторно ќе биде активна за поднесување на нови барања – се вели во соопштението на Општина Битола.

Но дел од граѓаните реагираа и прашуваа како е можно веднаш по почнувањето на аплицирањето за само неколку минути да имаат аплицирано над 180 граѓани, а подоцна по неколкуминутен прекин нивниот број да стигне до 450.

Воедно, во битолската јавност наголемо се зборува дека голем број битолчани во Битола и околните општини бараат да купат шпорети на дрва или ќумбиња, кои според условите на јавниот повик треба да ги вратат доколку сакаат да добијат субвебции. М.М.