На денешен ден, пред точно 23 години, во далечната 1997 година, на 7 март, престана да работи штединицата и менувачница, ТАТ од Битола.

Токму на овој ден, 7 март, по налог на тогашниот гувернер нa Народната банка на Македонија, Борко Станоевски, во Битола пристигна ревизорот Газменд Кадриу, кој требаше стави клуч, на во тоа време, најдобрата штедилница во Македонија, ТАТ.

Иако тој ден никој не сакаше да верува во најлошото, тоа сепак се случи.

Газменд Кадриу наместо да прави ревизија на штедилницата, одлучи да ја затвори и стави пломба, со што практично ја стави во стечај. Од тој момент почнува голготата на илјадници штедачи на ТАТ, која трае и денеска.

Денес, 23 години по ставањето во стечај на штедилницата и менувачница ТАТ епилогот е следниот. Од преку 12.000 штедачи, кои имаа свои заштеди во ТАТ, дел се обештетија целосно, а неколку илајди со донесувањето на Законот за обештетување со сертификати, се обештетија во просек по 45 проценти.

Останатите над 3.500 штедачи, кои не ги валоризираа своите сертификати воопшто не се обештетија и се уште ги бараат своите пари. Иронијата да биде поголема, сопственичката на ТАТ, Соња Николовска, која за измамамата на 12.000 штедачи одлежа само три и пол години затвор за даночно затајување, денес се наоѓа во „Идризово“ на издржување на затворска казна од осум и пол години за измама на само четири граѓани, кои ги олесни за околу 600.000 евра.

Стечајот во ТАТ, кој требаше да трае само неколку години трае и денес, цели 23 години. Имотот на ТАТ, кој е дел од стечајната маса и сега се продава преку извршители.

Штедачите на ТАТ, по позајмицата од Владата на Бранко Црвенковски од околу 16,5 милиони марки, подоцна, во неколку наврати добија по само процент обештетување, а со Законот донесен во времето кога на власт беше Љубчо Георгиевски добија конвертибилни сертификати, со кои можеа да тргуваат на берзата. Тие кои имаа заштеди од 1.000 евра или повеќе, со нотарска изјава целосно беа обештетени.

Судските процеси на штедачите против државата завршија неповолно по нив и сите ги загубија, а исто така го загубија процесот и во судот во Стразбур, поради наводно ненавремено поднесена жалба.

И по 23 години од скандалот со ТАТ сеуште не се најдоа виновниците кои ги ограбија парите на штедачите, а не се дозна ни кој е министерот во тренерки.

Тао што е најтрагично и по 23 години не се дозна кои битолчани, судии, адвокати, политичари, владици, министри, пратеници, стечајни управници, роднини, пријатели, инспектори, началници добиваа привилегирани камати, и од Соња Николовска добиваа фиктивни позајмици.

Иако во ТАТ се сменија четворица стечајни управници, а во изминатите 23 години во неколку наврати на власт се сменија двете најголеми политички партии, никогаш не се дозна кои се виновиците за банкротирањето на штедилницата.

Тоа што е мошне симптоматично е што Соња Николовска, како и нејзиниот сега покоен сопруг Стерјо Николовски, не кажаа кои се луѓето кои беа во тетратката на Соња.

По банкротирањето на ТАТ, неколку битолчани кои имаа заштеди во штедилницата извршија самоубиство, стотици од нив не дочекаа да се обештетат и починаа.

Иако околу три и пол илјади необештетени штедачи се уште ги бараат своите заштеди, сепак, и тие како да се изморија од барањето на правдата и тивко се помирија со својата судбина. М.М.