По многу години и децении, поради пандемија со ковид-19 годинава нема да се случи традиционалната прослава на Водици во кичевските села и во градот. Околу 150 селски кумови годинава нема со осветена вода, крст и босилек, да ги посетат семејствата и да ги благословат со желба за добро здравје, среќа и бериќет.
Традиција е на прославата на Водици во повеќето села да се враќаат и некогашните жители, за уште еднаш да се потсетат на традицијата на одбележување на овој верски празник, кој побуди голем интерес и кај научната фела, бидејќи во овој регион изминатите години водичарските традиции ги проучуваа и професори од еминентни универзитети од Полска, Унгарија и од други земји. Дека годинава поради пандемијата драстично се намалуваат активностите за Водици, ни потврдија и од свештенството од Кичево.
– За Водици имаше богослужба. Од осветената вода, покрај кумовите, ќе може да земат и верниците, но годинава поради владините мерки нема да има посета на домаќинствата од соодветниот крст ниту прослави во селските домови, нешто што кумовите ќе го одложат за идната година. Вчера беше отслужена празнична литургија и повторно богојавленски водосвет, но поради горенаведените причини тоа ќе се случи во храмот, што значи дека ќе изостане положување на светиот крст во градскиот базен. Истото тоа важи и за храмовите во селата Другово, Цер, Белица и Прострање, каде што традиционално се богослужи секоја година.

Освен во храмот „Свети Петар и Павле“, денеска богослужба ќе има и во селото Ехловец – истакна отец Александар Крстаноски, свештеник од кичевското архијерејско намесништво.
При сите богослужби ќе има одредено и редарска служба, за да се запазат владините мерки и соодветниот протокол. За да не се прескокнат целосно водичарските свечености, во поголем број села во скромна варијанта и без групирање на повеќе лица ќе се изврши одбележување на овој празник.
– За да не ја прекинеме целосно традицијата за Водици поради коронавирусот, во нашето село ќе ја посетиме црквата „Пресвета Богородица“, каде што ќе запалиме свеќи и ќе се помолиме за здравје. Кумовите нема да го прават традиционалното примопредавање на крстот, бидејќи тоа ќе се изврши наредната година, кога кумовите што биле на ред за годинава ќе го преземат кумството следната година – вели Саве Димитриески, жител на селото Осломеј.