Општината Делчево доби донација од германската амбасада машина за одзатнување и чистење канализација, вредна седум и пол илјади евра. Јавното комунално претпријатие на оваа општина се грижи за 78 км канализациска мрежа и со оваа донација се очекува значително да се подобри квалитетот на услугите.

Од општината информираат дека во работна посета на Делчево престојувал заменик-амбасадорот на Сојузна Република Германија во земјава, Ото Граф, при што била остварена средба со градоначалникот Горан Трајковски. На средбата се разговарало за актуелните проекти што се реализираат во Делчево, а заменик- амбасадорот Граф особено се интересирал за економскиот развој на Делчево, трговската размена со соседна Бугарија и за повеќе други специфики.

– Целта на посетата е да се примопредаде во употреба машината за одзатнување канализација донирана од германската амбасада, преку Фондот за мали грантови, и ја искористивме оваа можност да се сретнеме со градоначалникот Трајковски, за да се запознаеме со спецификите на Делчево, да разговараме за многу теми, за економскиот развој и други нешта. Се надеваме дека ова нема да биде последна посета и дека нашата соработка ќе продолжи и во иднина – изјавил заменик-амбасадорот Граф при посетата на општината Делчево.

Градоначалникот Горан Трајковски искажал благодарност до германскиот народ за донацијата, потсетувајќи дека ова е трета донација за Делчево од германската амбасада.