Фото: Зоран Антоски

Врнежите од дожд кои ја зафатија нашава земја изминатите три дена дојдоа во вистински час и претставуваат мевлем на рана, за да не се случи многу сериозна водена криза. Така природата како да ги услиши молбите на комуналното претпријатие од Кичево и на одредено време ги остави на раат, да не стравуваат од недостаток на вода за пиење, што беше сѐ поизвесно ако се има во предвид зголемената потрошувачка и намалената испорака во последните месец-два.

– И да баравме нешто подобро да ни се случи од последните врнежи од дожд, не можевме да добиеме. Барем на одредено време дождот ја одложи водната криза, која беше неминовно да се случи ако продолжеше сушниот период и зголемената потрошувачка на вода. Затоа апелиравме до граѓаните, водата да ја користат рационално, да се воздржат од ненаменско трошење за полевање бавчи, зелени површини или полнење на базени, за да може вода да има за сите корисници.

Проблемот се зголеми и поради намалената испорака на вода од непходните 300 литри, ние од Студенчица добивавме само 240 литри вода во секунда, а причина за намалената испорака на вода на Кичево беше сѐ помалата штедрост на изворот Студенчица. Најмногу овој проблем го чуствувавме во поладневните часови, кога употребата на вода беше најголема а притисокот мал и почна да се чуствува недостаток на вода во повисоките зони и висококатниците – вели Зенел Јонузи, директор на ЈКП „Комуналец“ Кичево.

На дождовите им се израдуваа и печуркарите кои очекуваат сиромашното лето да се надомести со добар род после августовските дождови.

– Ако сега потфрли родот на печурките, тогаш за годинава е завршено. Сепак топлата почва и обилните врнежи од дожд ќе донесат добар род на печурките и конечно добра заработка од даровите на природата и за нас печуркарите – вели печуркар од Македонски Брод.