Фото: Зоран Антоски

Со пригодна свеченост денес беше ставена во функција новата пречистителна станица за отпадни води во Кичево. На свеченоста присуствуваа Амбасадорот на ЕУ во Македонија Самуел Жбогар, Заменик Премиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураку, Министерот за економија Крешник Бектеши и градоначалникот на општина Кичево, Фатмир Дехари.

-Денес ја имам честа да ја претставам мојата историја што започна пред два мандати. Тоа ми причинува посебно задоволство да зборувам за животната средина и посветеност кон неа, за заштитата и за првиот бојкот на практиките за загадување. Денес е ден кога за прв пат сите ние сакаме да обезбедиме подобар живот и подобар свет за идните генерации, без да го игнорираме квалитетот на животната средина- рече во својот воведен говор градоначалникот на општина Кичево, Фатмир Дехари и потоа се наврати на деталите поврзани со новата Пречистителна станица за отпадни води.

-Сакам бескрајно да се заблагодарам на ЕУ за доделените средства и сите граѓани на унијата кои не беа поштедени да му помогнат на нашиот град. Би сакале да им се заблагодариме на Владата и на Министерот за животна средина за соработката и поддршката што ни ја дадоа во иградбата на овој голем проект. Самиот проект е финансиран преку ИПА фондовите започнувајќи со вредност од 6,6 милиони евра и завршувајќи на околу 9 милиони евра и сметаме дека е ова најголемата инвестиција воопшто во нашата општина. Покрај Станицата за третман на отпадни води, овој проект вклучува и колектор за собирање на овие води во должина од 4 км. и пристапен пат од 550 метри. Самата Станица за прочистување содржи најсофистицирана технологија која се користи во речиси сите европски земји ,а и пошироко-додаде градоначалникот Дехари.

Заеднички ќе ја постигнеме целта, а граѓаните и компаниите ќе го почуствуваат бенефитот од таа соработка, истакна заменик министерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

-Ја користам оваа прилика да и се заблагодарам на ЕУ и нејзините граѓани, кои што издвоија дел од своите даноци и определија буџет да и помогнат на нашата држава. Со тоа ние имаме уште поголема обврска да ги задоволиме стадардите и критериумите што ги бара  животот од сите нас.. И она што било практика досега отпадните води во Кичево неконтролирано да се испуштаат во речните текови повеќе нема да се случува а сега ќе имаме чиста вода, која во максимална мерка ќе ја заштити животната средина. Во земјава треба да се изградат 87 пречистителни станици, а овој е 16 објект додека во тек е изградба и на други слични објекти ширум земјава. Наша цел е поттикнување на економски развој на земјава и, за да ја оствариме оваа наша стратешка цел, неопходна е соработка со сите институции. Особено важна е поддршката од ЕУ како наш стратешки партнер.

Фото: Зоран Антоски

Инаку проектот за изградба на Пречистителна станица на отпадни води е финансирана од ЕУ, преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА) од делот за Регионален развој-компонента 3.

На отворањето свое обраќање имаше Шефот на Делегацијата на ЕУ, Амбасадорот Самуел Жбогар.

-Овој проект е дел од активностите финансирани од ЕУ за унапредување на инфраструктурата која овозможува заштита на животна средина согласно стандардите на ЕУ преку изградба на Пречистителни станици за отпадни води. Паралелно со инвестиициите во инфраструктурата ЕУ исто така работи заедно со државата на реформи во секторот води со цел да се обезбедат одржливи услуги во водоснабдувањето на сите граѓани- истакна евроамбасадорот Жбогар.

Членот на Извршниот одбор на ВТЕ групацијата , реализатор на оваа Пречистителна станица, Господинот Вернер Казагранде истакна дека:” Огромно задоволство за нас престставува можноста да работиме на изградба на Пречистителна станица за отпадни води ,бидејќи третманот на водите денес станува едно од најважните прашања. Горди сме што како лидери на Европа во овој сегмент и имаме можност да го пренесеме нашето знаење и искуство. Овој објект  е изграден по највисоки стандарди и искрено се надевам дека ќе имаме можност и понатаму да соработуваме.”

Потоа министрите, градоначалникот и претставниците на ВТЕ груп, на едно копче симболично го означија почетокот на работа на овој капитален проект.

По средбата во општината, евроамбасадорот Самуел Жбогар како знак на пријателство и искрена соработка, му подари вратоврска на градоначалникот Дехари со боите на ЕУ.