Советот на општина Прилеп денеска ја продолжи прекинатата 23 седница, на која советниците расправаа за Предлог-одлуката за донесување на урбанистички план за вон населено место, за туристичко-рекреативниот центар во КО Дабница и Предлог-Одлука за усвојување на годишната програма за работа на ЈУ Детска градинка „Наша иднина“.

Донесувањето на урбанистичкиот план за КО Дабница беше неопходно за реализација на проектот „Прилепско езеро – нови авантури, нови можности“, кој општина Прилеп го имплементира заедно со Светска банка. Проектот предвидува изградба на бројни содржини, меѓу кои и спортски игралишта, мултимедијален простор, пешачки патеки, паркинг за моторни возила и сл.

-Кај вештачкото езеро ќе се гради спортско-рекреативен центар со голем број на рекреативни содржини, кои ќе бидат од исклучително значење за граѓаните на општина Прилеп. Со оглед на тоа што овој дел од градот нуди многу можности, кои ние како граѓани треба да ги искористиме. Проектот е во фаза на комплетно исполнување на сите технички услови за негово реализирање, изјави Миле Талевски, претседател на Советот на општина Прилеп.

Ка.М.