Со постројување на баталјонот, доделување на пригодни признанија, во присуство на генерал мајор Зоран Милески, командант на ЗОК и бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски, и бројни гости, денеска во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп беше одбележан 10 април – Денот на артилерискиот баталјон.

При тоа, бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски посочи дека да се биде во стројот на баталјонот е голема чест.

– Артилерискиот баталјон е дел од организациско формациската структура
на првата механизирана пешадиска бригада и како единица за огнена поддршка
на бригадата е еден од најсилните столбови, без кого не можат да се планираат и
изведуваат операции и борбени задачи со маневриски цели. Оваа единица покажува крајна посветеност и професионализам и е најдобра единица од ранг на чета батерија во рамките на Првата механизирана пешадиска бригада за изминатата година. И понатаму останува посветеноста за врвна обученост и извежбаност – рече генералот Ѓоргоски.

Според командантот потполковник Ивица Цветковски, артилерискиот баталјон е главна одбранбена сила на АРМ.

– Нашата единица е моќна формација чија мисија е огнена поддршка на Првата механизирана пешадиска бригада и на останатите единици на АРМ при изведување на операции за одбрана и заштита на територијалниот интегритет и суверенитет на РМ, но исто така нашата мисија е да им помагаме на граѓаните, на институциите. Артилеријата е поврзан систем, односно за функционирање на овој род е потребна тимска работа, обуката е специфична и бара време за совладување. Обуката се одвива согласно стандардите на НАТО и ЕУ, а за тоа го имаме сертификатот за борбена готовност за учесво во НАТО операции за одговор на кризи – рече потполковник Цветковски на одбележувањето на денот на артилерискиот баталјон во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп.

Ка.М.