Делегации на Општина Прилеп и општинскиот Совет, денеска положија свежо цвеќе пред споменикот на Методија Андонов-Ченто во центарот на Прилеп. Оддавањето почит пред споменикот на првиот Претседател на президиумот на АСНОМ, беше по повод одбележувањето на 118 години од неговото раѓање.

Методија Андонов – Ченто е роден на 17 август 1902 година во Прилеп. Во својата биографија бележи значајна политичка активност уште пред почетокот на Втората светска војна.

– За време на војната, во 1942 година, бил интерниран во логорот „Чучулигово“, во близина на Петрич, а по ослободување од интернација бил повикан од Главниот штаб на НОБ и ПОМ да се приклучи во Народно- ослободителната војна. По основањето на иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, на Првото Собрание на 2 август 1944 година, тој бил избран за негов претседател – велат од општината.

Методија Андонов-Ченто починал на 24 јули 1957 година. Ка.М.