Пред почетокот на новата учебна година во ОУ „Кочо Рацин“ во Прилеп во дворното место е поставен нов асфалтен слој, на површина од 2.500 квадратни метри.
– Дополнително ќе биде извршено и обележување на дворното место, што е неопходно за непречено изведување на наставата по физичко и здравствено воспитување – велат од Општина Прилеп.
Бидејќи градежните активности за поставувањето на асфалтот се завршени, сега следува поставување на ново осветлување.
Според директорката на училиштето Зора Чадамова, средствата за реализација на градежните активности, во висина од над два милиони денари, се обезбедени од буџетот на Општина Прилеп.

Чадамова истакна дека, за уредување и дезинфекција на ентериерот на училишната зграда ќе бидат варосани вториот кат и приземјето, кои минатата година не биле опфатени во реконструктивните зафати на училишната зграда. За оваа потреба се издвоени дополнително уште 790.000 денари од општинскиот буџет.
Во ООУ „Кочо Рацин“ во редовен процес на образование има 800 ученици, а од оваа учебна 2020/2021 година своето образование ќе го започнат и 90 првоодделенци.