Фото: Зоран Антоски

Уписите во прва година во средните училишта во Кичево, што ќе започнат во нарените два дена, ќе се споведуваат по строго утврдени протоколи, за да се спречи ширење и  внесување на ковид-19. Така, во ОСУ „Мирко Милески“ приемот на документи ќе се врши по азбучен ред од првата буква на презимето на секој ученик.

Во наредните два дена кога ова средно училиште организира упис на ученици за учебната 2020-21 година, учениците ќе се пријавуваат по следниот редослед. Ученици чија почетна  буква започнува од А до Ѕ, документи ќе можат да достават од 7 до 11 часот, од И до П од 11 до 15 часот, и од Р до Ш од 15 до 19 часот.

Во ова средно училиште сѐ е подготвено за прием на новите средношколци.

– Сѐ е подготвено уписите да поминат без групирање на учениците и со целосна заштита од коронавирусот. Покрај тоа што ќе доаѓаат етапно, обрасците на учениците за упис ќе им бидат подготвени и тие нема да се задржуваат во просториите за упис. Во сите струки уписот ќе се врши во засебни простории, а за оваа учебна година во нашето училиште слободни се 408 места, 340 на македонски и 68 на турски наставен јазик. Следните уписни рокови ќе  бидат на 25 и  29 јуни – рече Зоран Стојаноски, заменик директор во ОСУ „Мирко Милески“.