Во општина Пласница на предвремените локални избори, своето избирачко право можат да го искористат 4.954 граѓани од четири села – Пласница, Преглово, Лисичани и Дворци. Иако во досегашните изборни циклуси во оваа општина постоеја девет избирачки места, за овие избори бројот на избирачки места се крати за едно, поради недоволен број на гласачи во село Дворци.

– На предвремените локални избори во општина Пласница, наместо на досегашните 9 ќе се гласа на 8 избирачки места, бидејќи помалку од 10 гласачи има на едно избирачко место, во село Дворци. Тоа избирачко место се гаси. а преостанатите граѓани своето избирачко право можат да го остварат на друго избирачко место и во друго село. Така во село Дворци се гаси избирачкото место 0275, а преостанатите жители од ова село, ќе може да гласаат во село Преглово на избирачко место 0276 одалечено околу три километри од ова село. Инаку, на 11 декември ќе можат да гласаат болните од ковид-19, на 12 декември ќе гласаат болните и изнемоштени лица, додека на 13 декември своето право на глас ќе можат да го остварат преостанатите жители од оваа општина – рече Едисен Зеќироски, преседател на ОИК Пласница.

Инаку во голем број села во Кичевско-бродскиот регион од едни до други избори има се помал број избирачи и се гасат голем број избирачки места, поради миграциите на населението. З.А.