КИЧЕВО

Претходниот викенд започна сезоната на крупен дивеч во земјава, а ќе трае до последниот викенд од јануари следната година. Во овој период од ловната сезона, дозволен е лов на диви свињи, лисици, волци и срни, за кои по десет години е дозволен лов, поради прекубројното присуство во природата. Трите ловечки друштва од Кичево подготвени ја дочекаа ловната сезона со намирени такси и со флуоресцентни елеци, кои се неопходни кога се оди на лов.
– Оваа сезона ќе се ловат дива свиња, волк, лисица и срна, за која поради прекубројноста по 10 години е дозволен легален лов. Ловџиите од нашето друштво за да се стекнат со право легално да ловат најпрво треба да ја намират таксата во износ од 5.000 денари. Сите ловџии се запознаени со правилата за ловство и задолжително носење флуоресцентни елеци кога се во шумата. Во првиот ловен ден ловџиите од нашето друштво имаа солиден отстрел и тоа е добар предзнак дека ќе имаме богата ловна сезона – вели Диме Ѓорѓиоски, ловџија во друштвото „Елен“.

Ова друштво во текот на зимата и во периодите со многу снег и ниски температури, се грижи и за прихранување на дивечот за да не изумре.
Покрај „Елен“, во Кичевско гравитираат уште ловечките друштва „Еко фазан“ од Осломеј и „Сокол“ од Зајас. За извонредните услови за лов во овој регион стигнала информација до ловџии од странство, поточно од Италија, кои во неколку наврати беа на лов во Кичевско.
– Прекрасните терени за лов на крупен дивеч ги одушевија ловџиите од Италија, кои најавија посета на ловиштата во нашиот регион и нивно присуство во поголем број. Ако барем малку повеќе се инвестира во оваа гранка, ловниот туризам може да биде добра шанса за развој, која во одредени региони и земји бележи голема експанзија – истакнаа од ловечкото друштво „Сокол“.