Хераклеја првпат ќе стане достапна и за лицата со инвалидитет и со посебни потреби

Битола

Во наредниот период покрај големиот број посетители од земјата и од странство, во амфитеатарот на локалитетот Хераклеја ќе можат да влегуваат и лицата со инвалидитет и лицата со посебни потреби, што досега не беше случај. Оваа можност ќе ја добијат со изградбата на лифтот, со кој лицата со инвалидитет и лицата со посебни потреби ќе можат да се искачат до амфитеатарот на овој локалитет, во кој во летните месеци се одржуваа(т) голем број културни настани. Со лифт ќе можат да се искачат и до видиковецот, од каде што ќе имаат целосна и комплетна прегледност на локалитетот.

Лифтот и сите други зафати ќе бидат реализирани со средства од прекуграничниот проект со соседна Албанија „Смарт култур“, кој се спроведува во рамките на програмата за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Албанија и со партнерство помеѓу Општина Битола и Општина Пустец.
Во реализацијата на проектот се вклучени и НУ „Завод и музеј“ – Битола, Регионалниот директорат за култура во Корча, како и Младинскиот културен центар – Битола. Вкупниот буџет на проектот изнесува 704.590 евра, од кои Заводот и музеј за реализација на зафатите на Хераклеја ќе добие 132.000 евра.

Од тие средства 85 отсто се од Европската Унија, додека преостанатите 15 проценти ги обезбедува Владата, преку Министерството за локална самоуправа. Со средствата од овој проект, од кој археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис ќе добие 132.000,67 евра значително ќе се подобрат условите за функционирање на локалитетот Хераклеја што ќе придонесе за збогатување на туристичката понуда.

Покрај инфраструктурните зафати, кои се однесуваат не само на изградбата на лифтот туку и на поплочување на пешачката патека од влезот на локалитетот па до театарот, ќе се изработат соодветни практикабли за поставување нова сцена во амфитеатарот, ќе се постават соларни светилки по должината на целата пешачка патека, ќе биде изграден видиковец, а планирани се и други активности.

За збогатување на комплетната туристичка понуда на локалитетот Хераклеја Линкестис ќе се изврши и осовременување на музејот, а ќе се постави нова музејска поставка во која ќе бидат изложени поголем број предмети откриени при археолошките ископувања во Хераклеја, кои посетителите досега немале можност да ги погледнат.

Кон подобрувањето на услугата значајно ќе придонесе и изработката на соодветен аудиоводич, кој посетителите ќе може да го преземат од интернет, преку користење на бесплатната ви-фи услуга.
Овој аудиоводич ќе биде изработен на седум јазици и ќе овозможи поголема независност на посетителите и нивна подобра информираност, во зависност од нивните афинитети.

Оваа проектна активност ќе биде збогатена и со осовременета сувенирница, во која ќе се нуди поголем и поразновиден асортиман на музејски сувенири. За оние посетители што сакаат да видат и да доживеат нешто ново и поинакво, а особено за помладите, кои на некој начин се нераскинливо врзани со новите технолошки достигнувања, во соработка со Општина Битола, на неколку точки од локалитетот ќе биде поставена соодветна опрема за таканаречената аугментирана реалност, но и за виртуелна реалност, која ќе даде еден позасилен и пореалистичен приказ на локалитетот во одреден временски период.

За подобрување на општиот впечаток на локалитетот, Општина Битола, во рамките на своите проектни активности, предвиде и реконструкција на таканаречениот Римски пат, кој води до самиот локалитет, а кој ќе биде дополнително уреден со соодветно улично осветлување со помош на соларни панели.
Општина Пустец со средствата од овој прекуграничен проект ќе ја реновира, старата зграда на училиштето во селото Глобочани, во кое се школувал еден од најпознатите македонски и албански писатели од втората половина на 20 век, Стерјо Спасе.
Регионалниот директорат за култура од Корча ќе се погрижи за комплетниот дизајн и опремување на музејската поставка, која ќе биде сместена во самото училиште, кое на овој начин ќе добие повеќезначна функција.

На промоцијата на проектот „Смарт култур“ присуствуваа и амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар, министерот за локална самоуправа Горан Милевски и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.
– Со овој проект локалитетот Хераклеја не само што ќе биде далеку попривлечен за неговите посетители туку првпат ќе стане достапен и за лицата со инвалидитет и со посебни потреби. Културното богатство што го има локалитетот треба да се чува, но истото тоа треба и да станува достапно до што поголем број посетители – изјави амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар.

Зборувајќи за значењето на проектот, министерот за локална самоуправа Горан Милевски истакна дека токму овој проект е најдобра потврда за значењето на меѓуграничните соработка на Македонија со соседните земји.
– Пандемијата на коронавирусот во голема мера ги забави активностите за реализацијата не само на овој туку и на другите прекугранични проекти. Но мислам дека проектот ќе биде наскоро завршен и тоа што особено ме радува е што првпат Хераклеја и особено амфитеатарот каде што се одржуваат голем број културни настани ќе станат достапни и за лицата со инвалидитет и со посебни потреби – рече Милевски.

Градоначалничката на Битола Наташа Петровска истакна дека Општина Битола целосно го поддржува проектот и дека со свои средства ќе учествува во партерното уредување на патот што води до локалитетот.