Со програмата на Агенцијата за млади и спорт, за изградба на тениски игралишта ширум нашата земја, во Кичево е изграден двоен тениски терен кој и официјално деновиве беше пуштен во употреба.

Терените за тенис се наоѓаат во непосредна близина на основното училиште „К.Ј.Питу“, каде што претходно беше изградено и повеќенаменско спортско игралиште.

-Како дел од програмата на Агенцијата за млади и спорт за изградба на 100 тениски игралишта ширум нашата земја, во Кичево деновиве е пуштен во употреба двоен тениски терен, што почна да се гради кон крајот на минатото лето. Деновиве комисија задолжена за овие проекти, изврши технички прием на овој тениски комплекс, сега преостанува локалната самоуправа да го уреди просторот околу овие игралишта – истакна Дарко Белески од Општина Кичево, задолжен за спроведување на овој проект.

Младите тенисери од градот се задоволни, што покрај земјените Кичево добива и терени со тврда подлога.

-Ако нашиот град досега немаше тениски терени со тврда подлога, со изградбата на двата терени и овој проблем конечно е решен. Овие терени сигурно ќе ја иницираат потребата од формирање на тениски клуб, бидејќи во нашиот град владее исклучително голем интерес за овој спорт. Добрата страна на овое тениски терени е што истите не бараат скапо одржување и затоа нивниот животен век е многу подолг – истакнаа Мартин и Александар, тенисери од Кичево.

З.А.