Со мала свеченост што се одржа во новоизградениот парк во ромската населба, во Кичево беше одбележан Светскиот ден на Ромите, 8-ми април. При оваа скромна свеченост беше подигнато и ромското знаме, а на малубројните присутни им се обрати претседателот на НВО „Преродба“, Емин Мамудоски.

– И покрај лимитираните можности и препораките на Владата поради пандемијата со коронавирусот, сепак во една поскромна варијатна го одбележуваме Светскиот ден на Ромите, 8-ми април. Нашата популација секогаш била лојална на државата на која и припаѓа, а со овој скромен чин сакаме да потврдиме дека и на нас може да се смета и со нас треба да се гради иднината на земјата. Како дел од ова одбележување беше организирана и дистрибуција на пакети со храна за социјално загрозените ромски семејства. Овие социјални пакети ги добија 80 ромски семејства, а секој пакет поседуваше: зејтин, брашно, шеќер, ориз, средства за хигиена или истите беа во противвредност од 1500 денари. Овие пакети ги обезбеди општина Кичево во соработка со добротворната асоцијација „Балкански сирачиња “- истакна Емин Мамудоски, претседател на НВО „Преродба“, главен организатор на ова одбележување.

фото: Зоран Антоски

Инаку поради епидемијата со коронавирусот ромското знаме се подигна пред самата населба, додека претходните години за овој ден знамето се подигаше на еден од трите јарболи пред општина Кичево.

З.А.