Со литературно читање на домашни поети и ученици од две основни училишта, ОУ„ Христо Узунов“ и ОУ „Санде Штерјоски“, во Центарот за култура во Кичево беше одбележан Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, 21 февруари. Најпрво присутните од името за Центарот за културa ги поздрави Елена Попоска-Петреска.

– Мајчиниот јазик е силен инструмент за зачувување и развивање на идентитетот на еден народ. Промоција и ширење на мајчиниот јазик е неопходна за заштита на културните традиции во светот, кои ги зацврстуваат разбирањето, толеранцијата и дијалогот меѓу народите. Грижата за мајчиниот јазик е света обврска за сите нас од сите генерации- подвлече Попоска-Петреска.

Ученичките од ОУ„ Христо Узунов“ од 7-мо и 8-мо одделение, Анастасија Јаковческа, Евгенија Спасеска и Елена Николоска, по литературното читање на своите творби истакнаа дека изразувањето на мајчиниот јазик и неговото постоење е траен белег на еден народ.

– Јазикот е континуитет кој секогаш ќе не следи и вонвременски ќе трае се додека постоиме како народ. Токму затоа за сите нас трајна обврска е да го негуваме и чуваме јазикот – истакнаа ученичките од ОУ „Христо Узунов“.

Зоран Антоски, Кичево