Денес во касарната „Чеде Филиповски-Даме“ во Кичево, со воена свеченост беше одбележан 18-ти aвгуст, Денот на АРМ. Во рамките на одбележувањето, по интонирањето на Државната химна и химната на АРМ и пречекот на знамето, на присутните им се обрати заменик Командатот на 4 механизиран пешадиски батаљон мајорот, Крсте Илиевски.

– Особена чест и задоволство ми претставува да од името на сите припадници од гарнизон Кичево и од свое лично име, ве поздравам и ви го честитам нашиот заеднички празник 18-ти август, Денот на армијата на Република Северна Македонија. Овој ден за нас припадниците на армијата е од посебно значење, ден кој ги буди емоцциите кај секој искрен и чесен граѓанин на ова македонско парче земја и го тера да се наврати назад во времето на непокорот, во времето на формирањето на македонската државност. Со гордост се присетуваме на тоа славно време, враќајќи се низ бурната историја на македонскиот макотрпен народ, се навраќаме и до времето на НОБ – рече мајорот Илиевски и хронолошки се наврати на случувањата, од времето од кога датираат првите почетоци на македонската армија.

Денес се навршуваат 76 години од формирањето на првата регуларна воена единица на НОВ, батаљонот „Мирче Ацев“. На 18-ти август 1943 година во месноста Славеј на планината Караорман, во славната Деварца, од партизанските одреди „Даме Груев“, „Ѓорче Петров“ и „Димитар Влахов“, формиран е батаљонот „Мирче Ацев“, прв батаљон во вората оперативна зона и прва поголема единица од одред. Со формирањето на батаљонот како прва регуларна воена единица започна процесот на создавање на народно ослободителна војска. За време на четиригодишната борба Народно ослободителната војска прерасна во респектабилна вооружена сила со околу 76.000 борци организирани во 23 бригади, 7 дивизии и 5 корпуси. Од нив 26.000 ги дадоа своите животи за слободата на Македонија.

– Почитувани, денес го одбележуваме Денот на АРМ по 27 пат и со задоволство можеме да истакнеме дека како припадници на гарнизонот Кичево, горди сме на постигнатите резултати – заврши заменик Командантот, мајорот, Крсте Илиевски.

На прославата беа прочитани и доделени, унапредувањата и стимулативните мерки за припадници од оваа единица.

По повод Денот на армијата, делегација на гарнизонот Кичево, на 18 август на спомен обележјето на Славеј планина ќе положи свежо цвеќе. З.А.