Во касарната „Мирче Ацев“ денеска беше одбележан Денот на артилерискиот баталјон. На манифестацијата по повод годишнината од формирањето на артилерискиот баталјон присуствуваа претставници на АРМ, градоначалникот Илија Јованоски, поранешни команданти, претставници од Сојузот на борци, претставници од јавниот и приватниот сектор. Вториот мешовит артилериски полк, како прва артилериска единица е формиран во прилепската касарна во 1992 година.

Пред присутните говореше командантот на артилерискиот баталјон, потполковник Ѓорѓи Василевски, кој посочи дека артилерискиот баталјон е значајна единица, при тоа осврнувајќи се на историјата, реализираните активности и постигнатите резултати во изминатиот период.

– Обучени сме за извршување на борбени задачи преку пружање на масовна, брза и прецизна огнена поддршка на маневарските единици. Со оган и маневар да се бориме и победиме во целиот спектар на операции за поддршка на мирот преку учество во ЛПБГ како прв деклариран борбен ентитет на АРМ во НАТО базенот на силите – рече потполковник Ѓорѓи Василевски, командант на артилерискиот баталјон.

На свеченоста зборуваше и командантот на Првата механизираната пешадиска бригада, полковник Драган Ковачки кој рече дека единицата во својот состав има одлични професионалци со огромно искуство кои покрај своите редовни обврски и задачи активно учествуваат и во разни проекти и активности организирани од страна на владините институции, локалната самоуправа, јавните и приватните претпријатија и останатите цивилни структури.

– Артилерискиот баталјон денес има декларирано и свои единици кои успешно го поминаа НАТО оценувањата ниво – 1 и ниво – 2 од страна на НАТО оценувачките тимови и се оценети со највисоки оценки како дел од средната пешадиска баталјонска група, подготвени за изведување на сите видови на операции во сложени услови надвор од нашата територија и предводени од силите на НАТО – истакна полковник Ковачки, командант на мешаната пешадиска бригада.

По повод денот на единицата беа доделени стимулативни мерки на припадниците на баталјонот. Ка.М.