Се комплетира и модернизира возниот парк на јавното претпријатие „Комуналец“ во Кавадарци и тоа со нова цистерна за автоматско перење на улиците, камион кипер со кран и мобилна асфалтна база која е прва во Македонија, инвестиција вредна 30 милиони денари.

Оваа мобилна машина за подготовка на асфалт користи технолигија која за прв пат ќе биде применета со можност покрај производство на нов асфалт да го рециклира стариот изгребан асфалт од улиците кои се реконструираат. На овој начин ќе се овозможи голема заштеда и ефикасност во крпењето на ударните дупки на улиците и локалните патишта во општина Кавадарци во текот на целата година и во зимскиот период кога обично асфалтните бази не работат – вели Драган Симоновиќ раководител на одделението за урбанизам и сообраќај во локалната самоуправа Кавадарци.

Тој ја потенцира ефикасноста во одржувањето на локалните улици и патишта, прокопи и ударни дупки, елиминирање на поголеми застои во сообраќајот и значителна заштеда на пари на инвеститорите и на услугите. Важно е да се напомене дека новата мобилна база за асфалт има погон на плин што значи дека освен финансиски ќе има и еколошки придобивки.

-Годишно од буџетот на општина Кавадарци за крпење на дупките или околу 2500 метри квадрати се трошеа 3 милиони денари. Со домаќинско работење ќе продолжиме со комплетирање на возниот парк на ЈП „Комуналец“ и во 2019 година со набавка не само на нови возила туку и на машини и алати-  изјави директорот на „Комуналец“ Ѓорѓи Поп Ицев.

Ми.М