Здравствената заштита на населението во општина Гевгелија се одвива во отежнати услови, но на едно задоволително ниво во однос на капацитетите и човечките ресурси со кои располагаме во моментот како и значителната редукција на извршители од сите профили и критично ниво на финансиски средства, оцени денеска Митко Крџев, директор на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност.

– Недостасуваат анестезиолози, педијатри, инфектолози, гинеколози и специјалисти хирурзи. Имаме само еден рентгенолог и моментно проблемите ги решаваме во соработка со Медицинските центри од Штип, Струмица, Куманово и Скопје. Сепак доаѓаат подобри времиња бидејќи наскоро ќе ни се вратат докторите од специјализација – рече Крџев.

Директорот на гевгелиската Општа болница посочи дека до Нова година болницата ќе има по двајца педијатри и гинеколози, а во 2019 година од специјализација ќе се вратат двајца гинеколози, еден хирург, еден невролог и еден педијатар.

– Испратени се барања за шест нови специјализации, наредните месеци ќе добиеме четири до пет општи доктори и од примениот помошен персонал на одредено време, јасно е дека нема потреба од дефетизам – нагласи Крџев.

Општата состојба со здравтвената заштита во општина Гевгелија, директорот Крџев ја оцени како вообичаена за овој период од годината бидејќи не е забележано зголемување на цревните заболувања и инфекции од акутен токсиколошки карактер или инфективни болести од тропските краеви.