Деновиве тимот на болницата за гинекологија и акушерство „Плодност“ Битола по
лапароскопски пат изврши отстранување на матката со јајниците и лимфните жлезди во
карлицата. Оваа сложена операција која за првпат е изведена во гинекологијата извршена е кај пациентка на 52-годишна возраст, која боледувше од карцином на ендометриум на матка (серозен тип).

Од болницата „Плодност“ во Битола уверуваат дека ваква обемна и сложена операција е прва од овој вид направена во Македонија.

Оперативниот зафат траеше 3,5 часа. Пациентката истата вечер беше подвижна, а болницата ја напушти по три дена од оперативниот зафат, во одлична состојба.

– Бенефитите од овој оперативен зафат се многубројни: побрзо опоравување, помал губиток на крв, помала болка и поголем естетски ефект, бидејќи се избегнува огромниот хируршки рез на стомакот. Уште поголема предност на лапароскопскиот пристап е поегзактно и поефикасно препарирање на лимфните жлезди во однос на класичната хирургија. Со вадењето на парааорталните, паракавалните и пелвичните лимфни жлезди, се одредува поточно стадиумот на болеста – велат од „Плодност“.

Оперативниот тим, кој ја изведе досега лапароскопски најсложената операција во Македонија, го сочинуваа браќата д-р Христијан Трпчевски и д-р Синиша Трпчевски, анестезиологот д-р Филип Трајковски, медицинската сестра – инструментарка Билјана Стојковска-Наумовска, и медицинската сестра од анестезиологија, Ирена Стојановска. Инаку, да напоменеме д-р Синиша Трпчевски е првиот македонски гинеколог кој работи роботска хирургија во Виена, Австрија. М.М.