Во салата на Центарот за едукација на ФИКТ во Битола, денеска свечено беа доделени општинските награди „4 Ноември“.

Претседателот на Советот на општина Битола, воедно и претседател на Управниот одбор на Фондот за наградата „4 Ноември“, Валентин Груевски, ги образложи одлуките на Управниот одбор, за годинешниот избор на наградените.

Годинава, наградата за животно дело ја доби Петар Георгиев – Калица.

Општинската награда „4 Ноември“ за 2020 година е доделена на Митревски Димитар и Тодоровски Благојче – меѓународен судиски пар, Лидија Тфирст Митревска, директор на ЈОУДГ Естреја Овадија Мара, Македонското научно друштво – Битола, доцент доктор Владимир Рендевски – специјалист неврохирург и Панде Димитровски, автор на проектот „Незаборав“.

Градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска, која им ги врачи наградите на добитниците, истакна дека денешниот ден има посебно значење за градот.

– Оваа година, на 76-тата година од виорењето на слободарското знаме е поинаква од сите останати. Овде сме помалкубројни, во поинаква форма на чествување заради околностите со кои се соочува не само нашиот град, нашата држава туку и целото човештво. Денес, повеќе од која и да е друга прослава што сме ја имале, свесни сме колку значи заедништвото, колку многу вреди творењето, колку повеќе исполнува создавањето. Свесни сме дека само со верба едни кон други, со почит кон професионализмот, кон стручноста, кон дисциплината можеме да ја премостиме оваа здравствена криза – порача градоначланичката Петровска.