„Жените креатори и носители на политиката“

Во рамките на проектот  „И руралните жени можат“, кој се одржува со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), која ја спроведуваат Меѓународната фoндација за изборни системи и нејзиниот партнер, Националниот младински совет на Македонија, во хотелот „Театар“ во Битола се одржа трибината „Жените – креатори и носители на политики“.

На трибината се обрати министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, градоначалничката на Битола, Наташа Петровска и пратеничката на СДСМ од Битола, Бисера Костадиновска – Стојчевска.

– Пред повеќе од 100 години Осми март бил симбол на борбата за еднаквост, во смисла на нашето право за глас. Пред 50 години кога се зборувало на овие теми битката била да се добие шанса за иста работа, да се добие шанса за подобро образование, да се добие шанса да се биде сметан за еднаков на работните места. Многу работи се сменија, многу борби се добија, меѓутоа сѐ уште зборуваме за планини кои треба да ги искачиме. Сѐ уште зборуваме за проблеми со кои што се соочуваат жените, а со кои мажите не мора да се занимаваат. Затоа на денот на жената да се потсетиме на она што тие го сработиле пред нас, но и да се потсетиме дека ние треба да придонесеме.

Ова е ден во кој треба да си поставиме поамбициозни цели, да ги има жените повеќе на местата каде се одлучува на државно и на локалано ниво, да се потсетиме дека за иста работа треба да бидат подеднакво платени, дека семејствата во општеството треба да ги градиме како семејства на еднакви и се разбира дека денес треба да се потсетиме дека не чека голема работа за да го сузбиваме и да се бориме со успех и против родовото базирано насилство, насилството насочено кон жените, кое не е само физичко туку и честопати знае да биде и психолошки притисок, притисок на социјалните мрежи, притисок на средината каде што понекогаш жените што отскокнуваат и не се прифаќаат најмногу – рече на трибината, министерката Радмила Шекеринска.

М.М.