Фото: Игор Бансколиев

На приватните превозници во Битола им е нагласено дека треба да вршат редовна дезинфекција, а ЈП „Пазари“ покрај редовна, врши и вонредна дезинфекција. Во Охрид, пак, од средата е започната вонредна дезинфекција и дератизација на сите основни и средни училишта и сите објекти на детската градинка ЈОУДГ „Јасна Ристеска“

Mакедонските градови со повисок степен на колективна хигиена за заштита од корона

По серијата владини препораки за заштита од коронавирусот, општините во земјава го подигнаа степенот на одржувањето на колективната хигиена и заштитата од зарази и велат дека постојано ги информираат граѓаните за сите чекори што треба да се преземат. Во поголемите градови каде што функционира јавен градски превоз веќе е започната дезинфекција на автобусите, а некои од општините информираат дека граѓаните, во согласност со препораките помалку користат јавен превоз во градовите каде што тој функционира. Опасноста од ширењето на заразата со коронавирусот наложи и дезинфицирање на пазарите, а некои од градовите информираат дека тоа веќе го прават и по неколкупати неделно. Таксистите во градовите, секој самостојно и со почеста дезинфекција на возилата, се грижат да се заштитат себеси, но и да ги заштитат и патниците што ги превезуваат. Велат дека секој одделно си купува средство за дезинфекција со кое го чисти такси-возилото. Битолските таксисти се жалат дека периодов, откако се појави коронавирусот и во нашава земја, работата сосема им опаднала. Велат дека, освен на дестинации во градот, одамна не возат патници до и од Грција.

– Приватните превозници што вршат линиски превоз на територијата на Општина Битола се известени од страна на општината за заклучоците донесени на 15-та седница на Владата, кои се однесуваат на нив. Нагласено им е дека треба да вршат редовна дезинфекција и се упатени во Центарот за јавно здравје, каде што со нивна натамошна координација се врши дезинфекција на превозните средства. Значително е намален бројот на патници во јавниот автобуски превоз, што покажува дека голем дел од граѓаните ги почитуваат препораките. ЈП „Пазари“ врши редовна дезинфекција еднаш неделно со средството „дезинтал“, а во периодов, односно од оваа недела и по повеќепати неделно. Големите маркети се под надлежност на Министерството за економија и други државни институции, но и до нив важат задолжителните препораки од Владата. Такси-компаниите не подлежат под јавен градски превоз, а со тоа и не се во надлежност на општината, освен во делот на издавање лиценци. И за нив важат дадените препораки од Владата, за честа дезинфекција на возилата – информираат од Општина Битола.

Во Охрид, пак, од средата е започната вонредна дезинфекција и дератизација на сите основни и средни училишта и сите објекти на детската градинка ЈОУДГ „Јасна Ристеска“.

– Исто така, од денес, ќе се врши вонредна дезинфекција и во Градскиот пазар, додека кај дел од автопревозниците е веќе извршена дезинфекција. Општина Охрид во соработка со Центарот за јавно здравје постапува по барањата на сите фирми и компании, кои побарале вонредна дезинфекција, во согласност со мерките и препораките од Владата – информираат од Одделението за односи со јавноста на Општина Охрид.

Општина Гевгелија на својата веб-страница ги пренесува препораките од Владата за заштита од коронавирусот, меѓу кои и препораката што се однесува на задолжувањето на сите јавни претпријатија и приватни компании што вршат јавен превоз на патници да вршат редовна дезинфекција на превозните средства. Со оваа препорака стои и напомена дека физичките и правните лица што не ги почитуваат и ги прекршуваат препораките, ќе бидат казнети во согласност со членовите 205 и 206 од Кривичниот законик.

И од Општина Куманово информираат дека компаниите што вршат линиски превоз во градот ги дезинфицираат своите возила, приклучувајќи се на иницијативата за спречување на ширењето на коронавирусот. Исто така, завчера била извршена дезинфекција на зелените пазари, на плочниците и на тезгите.