Во пресрет на есенските денови се отвораат старите рани на тетовци кои повторно имаа неприлика да се соочат со миризбата на чад во воздухот. По неколку месечна пауза летово, концентрацијата на штетните пием 10 честичките почна да ја надминува безбедната по здравје вредност.

Утрово околу 6 часот, кога и најинтензивно се чувствуваше мирисот на чад во воздухот, мерната станица во Тетово регистрирала скок на присуството на суспендираните честички прав за два пати повеќе од дозволеното. Имено како што објави Министерството за животна средина и просторно планирање на својата интернет страна, концентрацијата на пием 10 честичките била 118 микрограми на метар кубен воздух, со претходен пик кој изнесувал 76 микрограми на полноќ.

Инаку последниот ден со загаден воздух во Тетово бил на 4 мај годинава кога среднодневната концентрација изнесувала 53 микрограми на метар кубен воздух, што е речиси минимално надмината граничната вредност од 50 микрограми на метар кубен воздух. Но, затоа пак заклучно со овој ден биле изброени 85 дена со аерозагадување што е многу над дозволениот број на денови во една календарска година, кој изнесува 35.

Инаку најкритични годишни времиња во поглед на аерозагадувањето на градот последниве години се пролет, есен и зима. Сега со доаѓањето на есента се менуваат и атмосферските и климатските фактори кои влијаат на проветрувањето на воздухот во полошката котлина.

Жителите на Тетово најмногу се соочуваа со загадениот воздух во 2015 година со оглед дека од 365 денови дури во 350 имало високо присуство на штетните пи-ем 10 честички. Во 2016 година имало 302 дена со загаден воздух, додека во 2017 година воздухот бил загаден во 134 денови, а во 41 немало податоци.

А.С.