БИТОЛА

Јавното комунално претпријатие „Водовод“ во Битола конечно по 92 години од основањето ќе добие своја нова управна зграда. Деновиве во стопанскиот двор на претпријатието беше ставен камен-темелник на новиот објект, кој, според проектот, ќе располага со корисна површина од 1.540 квадратни метри. Инвестицијата ќе чини 42.700.000 денари.

На свечениот чин, по повод поставувањето на камен-темелникот, кој се одржа во кругот на стопанскиот двор на претпријатието, присуствуваа министерот за локална самоуправа Горан Милевски, градоначалничката Наташа Петровска, претседателот на Советот на Битола, Валентин Груевски, претставници од локалната самоуправа.
– Оваа управна зграда била желба на многу директори многу години, но сега се создадоа условите, да не бидам скромен да кажам ги создадовме сите ние како менаџерски тим со помош на сите вработени. „Водовод“ по постоење од 92 години ќе добие свој сопствен дом. Досега немаше сопствен дом, плаќал големи трошоци за кирии, за одржување на тие објекти. Сега е моментот да го направиме тоа – рече во своето обраќање до присутните директорот Горан Козаров.

На свеченоста како претставник на Владата учествуваше министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
– Ова е значајна инвестиција зашто по 92 години на некој директор му текна да направи сопствена управна зграда и да не е кираџија, а „Водовод“ е најмоќно локално јавно претпријатие. На некои директори им е судено да градат, а на некои само да трошат. Козаров е од директорите што гради, па затоа Министерството за локална самоуправа, а и Владата, целосно го поддржува во неговото водење на „Водовод“. Помогнавме во набавка на цистерна, а сега одобривме проект директно од Министерството за набавка на теренско возило од два милиони денари. Ние како Министерство за локална самоуправа ќе продолжиме и во иднина да ги помагаме директорите, бидејќи со новиот закон ни се овозможи тоа – рече министерот Горан Милевски.

Во своето обраќање до присутните, градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, изјави дека оваа локална самоуправа успеа да ги врати долговите кон јавните претпријатија заостанати од претходната власт, со што им помогна во натамошниот развој и инвестиции.
– Оваа локална самоуправа и власт земајќи предвид и кои се политиките на централно ниво успеа да врати, односно да исплати кон јавните претпријатија што за изведба, што за заостанати долгови од претходната власт над шест милиони евра, од кои само во ЈП „Водовод“ повеќе од 500. 000 евра. Тоа покажува дека се водени политики што даваат добра кондиција на јавните претпријатија, а со тоа овозможуваат тие да вложуваат како што е потврда и „Водовод“ за инвестиција што дополнително носи заштеди и дава дополнителни развојни компоненти за претпријатието – рече Петровска.

Инаку новата управна зграда ќе располага со корисна површина од 1.540 квадратни метри, а вкупната инвестиција ќе чини 42.700.000 денари, кои се сопствени средства на претпријатието. Новата управна зграда ќе треба да биде изградена за 12 месеци.