фото Зоран Антоски

Утринава околу три часот водичарските кумови се собраа во црковниот храм „Св. Петар и Павле“ во Кичево. Околу 150 водичарски кумови присуствуваа на Утрена богослужба, Богојавленски часови и на големиот Богојавленски водосвет.

Потоа кумовите со осветената вода се упатија во своите села, каде ќе ја започнат обиколката на домовите од нивните крстови, пеејќи го Богојавленскиот тропар. Како во кичевскиот храм така и во црквата „Св.Недела“ во село Другово, се собраа кумовите од Копачијата и Беличка река на Богојавленски водосвет.

Видно задоволни кумовите по Богојавленскиот водосвет, исполнети од самиот настан се упатија во родните села.

-Да се биде водичарски кум е посебен момент во мојот живот, бидејќи во нашиот крст има дури 34 куќи и, само трипати во еден век се доживува овој настан и затоа задоволството е големо, а чувството неповторливо-вели Гоце Ѓорѓиоски, водичарски кум во едно од селата во Копачијата.