По серијата пожари на депонијата во Гевгелија и ширење на чадот кој на жителите им го отежнуваше дишењето, воведена е целосна контрола на просторот за депонирање отпад кај Сува Река и околината, соопшти денеска гевгелиското комунално претпријатие.

Комуналците потврдија дека целосно ја заградиле депонијата на која оставиле само еден влез за возилата што депонираат отпад, со што е овозможен полесен надзор и контрола при влез и излез од депонијата.

Покрај ова, целосно е исчистен и просторот во околината на депонијата, така што надлежните инспекциски служби на општина Гевгелија сега вршат засилени контроли конкретно на просторот наменет за депонирање на отпадот.

Паралелно, тие преземаат и заштитни мерки за отстранување на дивите собирачи на пластика кои се доселени покрај депонијата во Гевгелија од други делови на државата.

Депонијата кај Сува Река во Гевгелија само во минатиот месец беше неколку пати потпалувана од засега непознати сторители.