ПЛАСНИЦА

Триесет и осум ученици од централното основно училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ во селото Пласница немаат можност да следат настава на далечина затоа што немаат ИТ-уред. По речиси два месеца од почетокот на учебната година, во повисоките одделенија во ова училиште некои ученици немаат интернет, а други немаат компјутер за д можат да следат настава. Овде има 327 ученици од прво до деветто одделение. Настава со физичко присуство следат учениците од прво до трето одделение, а онлајн настава следат учениците од четврто до деветто одделение.

– Учениците од прво до трето одделение следат настава со физичко присуство и со почитување на сите протоколи за заштита од ковид-19, максимум 20 ученици во една училница, одржување лична хигиена на рацете, мерење на телесната температура и никакво групирање за време на одморите или при доаѓање или заминување од училиште. Со физичко присуство настава следат 123 ученици од селата Пласница и Преглово – вели Риза Реџепоски, директор на ова училиште.
Во повисоките одделенија, според него, има деца што немаат интернет во домовите или немаат сопствен лаптоп или компјутер.
– Со вакви тешкотии се соочуваат 58 од 204 ученици од четврто до деветто одделение. Проблемите на овие ученици ги решаваме така што тие редовно ја следат училишната програма на МТВ и добиваат соодветна литература, која ќе им послужи целосно да ја совладаат предметната материја. Се надевам дека и овој метод на работа ќе помогне учениците да ја завршат учебната година со доволно знаење. Исти проблеми имаат помал дел ученици и во градот – додава Реџепоски.