КИЧЕВО

Од година на година во Кичево бројот на автомобили е сѐ поголем и тоа ја наложува потребата за новите возила да се обезбедат дополнителни паркинг-места. Како идно решение е и дислокација на привремените објекти, пред сѐ, во делови на градот каде што бројот на автомобили е најголем, а во тој дел предничат булеварот „Ослободување и блокот „Ламели“.
Од локалната самоуправа најавија нови урбанистички решенија во овие делови на градот, за да се реши овој проблем, кој наредните години ќе зема уште поголем замав, од тие причини ќе се донесат нови урбанистички решенија за булеварот „Ослободување“ и блокот „Ламели“.
– Забрзаниот пораст на патнички автомобили во градот придонесе бројот на слободни места каде што можат да се паркираат автомобили да биде сѐ помал и помал, а состојбата од година на година да биде сѐ потешка – вели Газменд Укали од општина Кичево.

Тој во продолжение ги наведе решенијата за надминување на овој проблем.
– Поради овие причини Општина Кичево презема акција за отстранување на привремените објекти и овозможи да се создадат четири паркинг-блока. Четирите паркинг-блока ќе располагаат со околу 160 нови места за паркирање или ќе се ослободи површина од 3.774 квадратни метри за нови паркинзи. Со новите паркинзи ќе се намали хаосот во паркирањето на патничките возила и ќе се воведе поголем ред во оваа сфера на урбаното живеење – додава Укали.
Тој додава дека изминативе неколку години нови паркинг-места се изградени на локации каде што имаше повеќе привремени објекти, гаражи или мали дуќани и каде што денес се добиени поголем број паркинг-места, а тоа се три локации во непосредна близина на булеварот Ослободување.