фото Зоран Антоски

За целосно да ја променат сликата на крајбрежјето на Осломејското Езеро, поголема група риболовци и љубители на чистата природа од Кичево и соседните села, викендов ќе спроведат еко-акција во опкружувањето на оваа акумулација, бидејќи на повеќе локации во крајезерскиот појас создадени се вистински депонии од секаков вид ѓубре, што го одложиле неодговорните граѓани.

 И претходниве викенди во нешто помал број, кичевските риболовци и доброволци спроведоа еко- акции, со кои делумно го исчистија насобраното ѓубре.

-Откако минатиот викенд го извршивме првото порибување на Осломејското езеро, викендов ќе спроведеме масовна еко-акција во која ќе бидат вклучени поголем број спортски риболовци од градот и љубители на чистата природа од Кичево и локалните населени места. Ние и претходно спроведовме неколку еко-акции, бидејќи околу езерото имаше нагомилано многу ѓубре, а делови беа зарастени и од трње, при што пристапот до самото езеро беше доста тежок- истакна Љупчо Крстески, спортски риболовец од Кичево, кој очекува овие акции да ги променат навиките на  граѓаните да не фрлаат ѓубре каде што ќе стигнат, туку да проработи нивната свест.

– Очекуваме преку оваа акција да ја пробудиме свеста на граѓаните и месните жители, да не го одлагаат ѓубрето крај самото езеро и да водат повеќе грижа за да биде зачуван овој бисер на природата од непроценлива важност за сите нас. Со овие еко-акции и чистење на овој локалитет  и самото езеро ќе биде многу попривлечно, како за локалните жители, така и за оние љубители на природата и риболовци од соседните градови и општини- додаде Коруноски, редовен посетител на Осломејското Езеро, еден од иницијаторите на овие еко акции и порибување на езерото.