Околу 700 тутунопроизводители од вкупно 1.200 до денеска се пријавени за добивање евидентен картон во Подрачната единица на Министерството за земјоделство во Велес.

Пријавувањето почна на 28 февруари и ќе трае до крајот на месецов.

Како што информира за МИА раководотиелот на Подрачната единица, Зоран Наковски, добивањето евидентен картон е задолжително за тутунарите да склучат договор за откуп на тутунот со некоја од откупните фирми во земјава, по нивен избор.

Според Наковски, годинава се очекува зголемување на површините под тутун во Велешко. Засега тутунот е најзастапен во селата Горно Оризари, Бузалково, Иванковци, Црквино и Извор. Последниве години се сади исклучиво тутун од типот „Прилеп 66“.

Откупот од ланската реколта е скоро завршен, иако законскиот рок е до 15 март. Отворен е само откупниот пункт во Велес.

Годинава просечната откупна цена за килограм беше 214 денари.