Фото: Игор Бансколиев

Оваа болест беше присутна и претходните години, но сезонава се прошири до таа мера што достигна епидемиски размери. Има пчелари што имаат загубено 30-40, па и повеќе пчелни семејства. Кај поединечни пчелари штетата е целосна

Во повеќе села во Кичевско, кај дел од пчеларите пролетва, се случува феноменот празна кошница така што кај поединечни пчелари од овој вирус има угинување на повеќе од половината пчелни семејства. Штетите допрва ќе се утврдуваат, а можен преносител на овој вирус се и самите трутови, на кои им се достапни сите пчелни семејства лоцирани на едно место.
– Во дел на селата од нашиот регион пролетва се појави феноменот на празна кошница кога поради присуство на вирус имаме голема смртност кај пчелите. Болеста се шири од едно во друго пчелно семејство, а како можни преносители најверојатно се трутовите, бидејќи само ним им се достапни сите пчелни семејства.

Со оглед на фактот што минатата година беше многу неповолна за пчелните друштва, годинава се очекува состојбата да биде уште полоша, бидејќи пчелите се со намален имунитет и не се во добра кондиција поради недостиг од добра храна – велат во земјоделското здружение „Виножито“ од Кичево.
Оттаму сугерираат да се изврши лабораториска анализа на овие пчелни семејства од страна на експерти за да се најде соодветно решение за ефектот празна кошница што би била најголемата придобивка, како и изолирање на оние пчелни семејства каде што се појавила оваа болест.

– Оваа болест беше присутна и претходните години, но сезонава се прошири до таа мера што достигна епидемиски размери. Во разговорите со пчеларите дојдовме до сознание дека има пчелари што имаат загубено 30-40, па и повеќе пчелни семејства. Кај поединечни пчелари штетата е целосна. Засега болеста ноземоза е регистрирана на подрачјето на селата Орланци, Челопеци и Лисичани, а немаме комплетни сознанија дали истата таа е проширена и кон селата во општините Пласница и Македонски Брод. Опасноста е и во селењето на пчелните семејства, кога болеста може да се прошири и на тој регион и штетите ќе бидат уште поголеми – додаваат во здружението.
Еден од пчеларите што претрпе најголеми загуби е Горан Павлоски од селото Орланци, кај кого штетата изнесува над 70 проценти смртност од вкупниот број пчелни семејства.
– Со пчеларство се занимавам скоро три децении, но како годинава досега не сум претрпел толкава штета. Од околу седумдесетина пчелни сандаци колку што поседував претходното лето, за краток период од појавата на болеста ноземоза или феноменот на празна кошница, загубив над 40 пчелни семејства. Сѐ што сметав дека ќе биде од корист, гледано од научен аспект, го применив, но болеста зеде толку голем замав што по малку ме тера и на помислата да престанам да се занимавам со пчеларство иако немам друг извор на приходи – вели разочараниот Павлоски и додава дека во неговото село и други пчелари имаат претрпено големи штети.
И во селото Челопеци повеќето пчелари се соочуваат со слични проблеми и таму како во соседното село Орланци, штетите од оваа болест се големи.

– Оваа болест се појави од причина што пчелите минатото лето недоволно се развија, немаше поленов прав, а тој е исклучително значаен за развојот на пчелите. Немаше доволно храна во природата, а нашата прихрана не беше доволна.
И пролетните дождови придонесоа поленот да го има во минимални количества. За да ги спасиме преостанатите пчелни семејства им даваме варова вода и ставаме конзерванс на влезовите од пчелните сандаци, само да се спречи натамошното ширење на болеста и да ги намалиме штетите – објаснува пчеларот Блаже Мицески.