Во чест на рождеството на свети Јован – Претеча (7 јули), патронот на македонското древно светилиште „Свети Јован Крстител“, во саботата беше одржана божествена литургија. Со неа чиноначалствуваше надлежниот архијереј на дебарско-кичевската епархија на МПЦ-ОА, г. Тимотеј, во сослужение со брегалничкиот митрополит г. Иларион, епископот г. Климент Хераклејски, свештенослужители, монаси, хоровите на Бигорскиот манастир и хорот на црквата „Св. Пантелејмон“ од Атина, Грција. Верници од сите краеви на Македонија, од соседните држави и гости од неколку европски држави ги исполнија храмот, манастирските конаци и дворот, кои со големо внимание, со почит и молитвено му се молеа на светителот за здравје и просперитет.

Митрополитот г. Тимотеј на крајот на божествената литургија одржа беседа посветена на животот и заслугите на крстителот Христов, за опстојот на христијанството.
На сеноќното молитвено собрание, кое беше одржано спроти 7 јули, на почетокот на торжеството, архимандритот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, ги поздрави присутните со пригодно слово, при што им искажа голема благодарност на гостите од братска Грција, на Илија Редиади Тумба и неговата дружина, кои и годинава, вторпат, се дел од радоста, со нивната надалеку позната псалмодија. „И кој би можел да пререче дека вашето присуство овде е исполнување на дело на Христовата заповед за љубов? Вие покажавте дека братољубието во Христа помеѓу нашите два православни народа не само што е апсолутно можно туку е и природно, бидејќи една иста вера исповедаме, еден ист дух нѐ обединува. Тоа го докажа и минатогодишното ваше учество во заедничкото молитвопение, нешто што мошне позитивно одекна среде нашиот верен народ и беше прифатено со големо воодушевување.

Со Бога напред, се надеваме дека за многу скоро и нашата света црква, Охридската архиепископија, ќе биде прифатена во семејството на помесните православни цркви, така што ќе имаме уште многу поводи за заедничка молитва и заедничарење во единственото Тело Христово. Зашто, навистина, неправедно би било земјата што го има градот Охрид, каде што евангелиското семе посеано од божествените Климент и Наум, учениците на светите рамноапостоли Кирил и Методиј Солунски, најпрво и најобилно дало плод и, оттука, се расеало насекаде по славјанските земји, дури и во далечна Русија, денес, на црковен план, да биде изолирана од православните браќа на тој начин – подложена на големи опасности и бранувања“.