Деновиве жителите на Тетово се соочуваат со поголеми глутници на кучиња скитници кои се движат низ градските улици. Честите случаи на движење на бездомните кучиња се забележуваат како во централниот дел на Тетово, на пример во близина на болницата, булеварот Благоја Тоска, така и на периферните места како Блок 70 и кај касарната. За сите места е карактеристика дека се со поголема фрекфенција на луѓе и возила. Граѓаните алармираат дека се можни последици од оваа несакана појава бидејќи станува збор за глутници од по 10-тина кучиња.

-Стравуваме од напади на кучињата, од каснувања. Утринава околу 8 часот кога го носев детето на училиште ги забележав кај зградата на општината. За среќа беа мирни, само поминуваа, се задржаа околу контејнерите, душкаа дали има храна. Сепак страшна беше глетката, а замислете да ме нападнеа толку многу, а јас со детето. Како ќе се одбраневме, тешко можеш да се справиш со толкава голема глутница-вели жител на градот кој има стан во близина на тетовската општинска зграда.

Во општина Тетово велат дека во јули кога се одржала седница Центарот за развој на Полошкиот плански регион, биле разгледани неколку точки со посебен осврт на решавање на проблемот со кучињата скитници на регионално ниво, со оглед дека со нив се соочуваат граѓаните на сите општини. Сепак одговорот е дека ќе се работи на документација, а нема информација кога на терен ќе може да се очекуваат резултатите од активностите и намалување на опасностите од каснување од кучињата скитници.


-За да се реши проблемот ќе бидат преземени конкретни чекори и ќе се обезбеди финансиска и техничка поддршка од страна на Програмата за развој при Обединетите Нации-УНДП. Ќе биде изработена техничка документација за основање на Регионалниот центар за третман на кучињата скитници, како и обезбедување на модерно возило за фаќање на кучињата скитници.
 
Во полицијата и во Центарот за јавно здравје велат дека во моментот немаат некое зголемување на пријавите од каснувања од кучиња скитници.

-Постојат и такви луѓе кои иако ги каснало бездомно куче не се јавиле на лекар или не пријавиле ваков инцидент. Сепак по касање од куче задолжителна е антирабична заштита или лекарство за заштита од беснило, како и вакцина за спречување тетанус- велат од тетовскиот центар за јавно здравје.

Во Тетово се бележат и случаи во кои жителите поради каснување од куче ја тужеле општината.