Фото: Зоран Антоски

И покрај студеното време и ветерот, рекорден број деca и верници беа дел од шестата Бадникова поворка што денес се одржа во Кичево. Бадниковата поворка своето патешествие го започна од црковниот храм „Свети Петар и Павле“ и со Исусовата пештера на чело, пеејќи ја бадниковата песна „Вечниот Бог“, децата направија обиколка низ градските улици и го навестија раѓањето на синот божји. Попатно поминаа и пред општинската зграда а своето патешествие го завршија пред Божиќната пештера во средиштето на градот, што за оваа прилика беше поставена на градскиот плоштад, изработена од монашкото сестринство во манастирот „Света Пречиста Кичевска“.

Дечињата кои беа дел од Бадниковата поворка, пред Божиќната пештера добија пакетчиња и со црвени обравчиња, но пресреќни се вратија во своите домови.

– Годинава по шести пат во нашиот град ја организиравме Бадниковата поворка во која од година во година учествуваат се повеќе дечиња од нашиот град. За годинешната поворка децата триесетина дена го посетуваа црковниот храм каде ја учеа песната „Вечниот Бог“ и така добро хармонизирани и весели, ја изодеа годинешната маршрута на Бадниковата поворка. Бројното присуство на граѓаните на Кичево на улиците и срдечноста со која е прифатена оваа црковна традиција, се најдобра потврда дека Бадниковата поворка има се повеќе и повеќе приврзаници во нашиот град – истакна Бошко Сарафилоски, еден од зачетниците на Бадниковата поворка и член на црковниот одбор.

Пред Божиќната пештера училишниот хор од Д-р Владимир Полежиноски изведе и една песна по повод големиот верски празник.

Граѓаните беа презадоволни што овие традиции се возобновуваат и во нивниот град.

– Убава е глетката што денес ја имавме во нашиот град, кога голем број дечиња и нивни најблиски беа дел од Бадниковата поворка.Традициите треба да се негуваа и омасовуваат и на тој начин вечно ќе живеат – вели Петар, жител на Кичево.