Фото: Зоран Антоски

Денес по петти пат во Кичево се одржа Бадникова поворка, во која учествуваа над 400 дечиња од сите возрасти од градот и поголем број родители и најблиски на децата во поворката. Откако децата се собраа во црковниот храм „Свети Петар и Павле“, тие носејќи ја во раце Исусовата пештера на чело на поворката и пеејќи ја бадниковата песна „Вечниот Бог“, прошетаа низ градските улици и своето патешествие го завршија во трпезаријата на храмот, каде за нив беше организирана мала закуска и топол напиток.

Додека се движеа по градските улици, дечињата беа топло поздравени од бројните жители на Кичево, кои најмладите нивни сограѓани ги почастија со овошје, костени, ореви, посни слатки, крем-банани и кифлички. Од година во година одзивот за Бадниковата поворка е се поголем и бројот на децата е во постојан пораст, а годинава ни студеното време не беше пречка во толкав број да бидат дел од оваа традиционална поворка.

– На радост на многубројните верници од Кичево, годинава по петти пат ја организиравме Бадниковата поворка, во која учествуваа неколку стотини дечиња од сите возрасти. Дечињата учесници во поворката последните триесетина дена се собираа во црковниот храм „Свети Петар и Павле“ во градот, каде ја увежбуваа познатата црковна песна „Вечниот Бог“. Во текот на овие обуки покрај дечињата од нашиот град во неколку наврати присуствуваше и поголема група најмлади од Македонски Брод, а годинава и таму се подготвува Бадникова поворка. Откако дечињата учесници во поворката ја поминаа зацртаната маршута, и притоа попатно беа почестени од голем број наши граѓани, тие се вратија во трпезаријата од црковниот храм, каде за нив беше организирана бадникова закуска и топол чај -истакна Бошко Сарафилоски, еден од зачетниците од оваа поворка, која за првпат во Кичево беше организирана во 2015 година.

Дечињата беа пресреќани што се дел од оваа поворка, а црвените обравчиња беа најдобар доказ дека и студот нее пречка да бидат дел од Бадниковата поворка и ветуваат учество и во наредните години. Нивните родители како придружници, беа презадоволни што во толкава бројка најмладите од градот со денешниот настан го најавија Рождество Христово – Божиќ.

– Радоста е огромна како на нашите дечиња, така и на нас лично, што на овој начин го најавуваме, големиот празник Рождеството Христово – Божиќ – вели Дарко, еден од многубројните родители во друштво на своите деца. З.А.