Традиционалниот настан со хуманитарна цел „Етно Вешта жена 2018“ за Кичево, се одржа синоќа во еден ресторан во градот, каде што беа подготвени традиционални специјалитети својствени за македонската кујна – мекици, питулици, печива, бабини колачи, погачи, кифли…

На овој настан се претставија 15 жени, а како најуспешни беа прогласени специјалитетите на Даниела Наумоска, Васка Тришоска и на Аница Трајкоска. Сите изработки од оваа манифестација беа понудени на продажба, а средствата од оваа аукција ќе бидат наменети за хуманитарна цел. Во текот на оваа манифестација, дел од учесничките демонстрираа како се сука на софра и како се преде волна, што за првпат беше видено од повеќето помлади присутни на настанот. Дел од учесничките беа облечени и во традиционални шопски носии својствени за овој крај.

– По трет пат во нашиот град го организиравме традиционалниот настан со хуманитарна цел „Етно Вешта жена 2018“. Во натпреварувачкиот дел учествуваа 15 жени кои за оваа цел подготвија традиционални македонски специјалитети со етно предзнак. Изработките на вештите жени од Кичево на крајот беа понудени на продажба, а средствата од оваа аукција ќе бидат наменети во хуманитарни цели. Според изборот на публиката за најуспешна беше прогласена изработката на Аница Трајкоска – „шарени кифли-ружички“. Второто место и припадна на Васка Тришоска за „бадничко печиво со сочиво“, а со трета награда се здоби Даниела Наумоска за изработката „лепче полнето со салата и стек“- истакна Оливера Ширгоска, една од организаторките на ова етно-манифестација.

Настанот беше збогатен со настапот на најмладите играорци од КУД „Бисер“ музичката група „Маестро бенд“, додека младите ученици од ОУ „К.Ј.Питу“ се воведуваа во тајните на изработка на слатки од фондан.