Покана за уште едно задничко откривање на мистиката на Алшар, да го допрете Сонцето и да ја почуствувате исконската природа на Кожуф Планина, упатија синоќа на прес-конференција организаторите на Алшар-2019, Тиквешките точакџии. За годинашново издание поместено за 5., 6. и 7. јули сѐ е подготвено, утврдени и маркирани се велосипедските и панинарските тури, а селото Мрежичко целосно претворено во еден голем камп и сретувалиште за сите вљубеници во планинскиот велосипедизам од Македонија и пошироко, како и планинари и обични добронамерници и љубители на природата. Подготвена е богата програма која нуди добра забава и многу награди.

Новата авантура која годинава ја нудат организаторите е новата велосипедска тура долга 40 километри која стартува од селото Мрежичко, продолжува до селото Мајден, води сѐ до Пуљевац, каде ќе се гради новиот граничен премин со Грција, заокружува до месноста Бриони, потоа минува низ Привуш и се спушта до местото Топлакот и назад до Мрежичко. Малата велосипедска тура е истата од претходните години долга 24 километри која овозможува да се види старо окно на рудникот Алшар. Исто толку интересни се и планинарските тури, големата долга 18 километри а малата шест и за нив се преземени сите мерки за ублажување на високите температури кои се предвидени за овој викенд.

Претседателот на „Тиквешки точакџии“, Живко Гурен, истакна дека безбдноста на учесниците уште од самиот почеток е прва и основна определба на која посветуваат особено внимание и секоја година се трудат безбедоста да ја подигнат на повисоко ниво со вклучување на сите институции како што се граничната полиција, противпожарната служба, првата помош, црвен крст, и така натаму.

Лазар Трајков од организациониот одбор на „Тиквешки точакџии“ истакнувајчи ги сите елементи на рекреативниот карактер на манифестацијата, потсети на личната одговорност на сите потенцијални учесници од кои бара совесно однесување имајќи во предвид дека голем дел од подкожувјето не е покриено со мобилна мрежа. Покрај одговорноста, Трајков ги наговести недопрените убавини кои ги нуди новата велоипедска тура кои на сите гости ќе им овозможи да се запознаат со останатите убавини кои во себе ги чива Кожуф Планина како густата шума, шумските јагоди и ретките темјанушки кои само таму може да се видат.

Медијаторот на манифестацијата, Душко Стефано, на прес-конференцијата од новините кои ги донесува годинашново издание на Алшар-2019 го издвои податокот дека манифестација ќе ја отвори Васил Јанкула, лице со хендикеп кој годинава на велосипед поминал 800 километри за само седум дена. Воедно на отворањето се поканети да присуствуваат и учениците од специјалната паралелка на ОУ „Страшо Пинџур“ заедно со нивниот наставник Зоран Велков, да бидат дел од манифестацијата и да се почуствуваат еднакви со сите учесници кои годинава според интересот покажан досега ќе ги има во голем број.

Манифестацијата Алшар-2019 има многу донатори, помагатели и пријатели. Речиси целата бизнис заедниза на Кавадарци заедно со Општината застана зад манифестацијата, а компанијата Кожувчанка и годинава со вода и македонско пиво ќе ги освежува сите учесници.

Ми.М.