КИЧЕВО

Алтернативниот туризам што од ова лето почна да го реализира хотелот „Атва резиденс“ од Кичево се покажа како полн погодок за идниот развој на оваа многу важна стопанска гранка во регионот. Од летово почнаа да се организираат адреналински тури со четирицикли, кои се возат на различни должини и на различни терени во западниот дел од земјава.
Пријатно е изненаден и сопственикот на хотелот Томче Филипоски, кој летово имаше можност да се дружи и со странски гости што беа дел од овие адреналински тури.
Најпријатно сме изненадени од интересот на голем број гости, како од земјава така и од странство. Во два викенда, учесници во овие адреналински тури беа и гости од Германија и од Унгарија, кои транзитирале низ Кичево и ги забележале рекламите за овие тури, па посакаа и самите да бидат дел од нив. Бидејќи и јас бев дел од карванот со гостите од странство, да бидам искрен, најпријатно бев изненаден од впечатоците што тие ги понесоа од земјава и од планинските тури – рече Филиповски.
Тој истакна дека се возело на релација долга 20 километри, или т.н. „Кичево истражува“, која чинела 40 евра за едно лице со нивно возило.
– Патем караванот застана кај Кнежински манастир, каде што им ја прераскажавме историјата за настанувањето на овој манастир и за трите лековити води. Презадоволни од она што го доживеале, странците за наредната година најавиле дека ќе дојдат во многу поголем број и ќе ги доведат своите другари и пријатели, за и тие да бидат дел од овие адреналински тури – додаде Филиповски.