Набавени се 2.039 канти, кои општината ќе ги распредели

Општината Ново Село набави 2.039 надворешни пластични канти, кои ќе им ги подели на домаќинствата. Ова е продолжување на акцијата „Канта за отпад за секое домаќинство“. Како што информираат од локалната самоуправа, кантите се набавени преку грант од Проектот за подобрување на општинските услуги, спроведуван од нашето Министерството за финансии, а финансиран со заем од Меѓународната банка за обнова и развој (Светска банка).

– Од општината Ново Село, во соработка со ЈПКД „Комуна“ – Ново Село, во наредниот период ќе ги посетуваат сите населени места и ќе ги доделуваат кантите. Оние што немаат склучено договор со ЈПКД „Комуна“ – Ново Село веднаш ќе склучуваат и договори – информираат од општината.
За распоредот на распределба на кантите во секое населено место, граѓаните дополнително ќе бидат информирани.
Велат дека проектот се спроведува како дел од општинските активности за ублажување на последиците и за намалување на загадувањето на територијата на општината. За таа цел, надлежните ги предупредуваат граѓаните дека фрлањето отпад на јавни површини и создавањето диви депонии е строго забрането. Притоа акцентираат дека секое прекршување најстрого ќе се казнува.