Екипите на Jавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ денеска заедно со приватни компании од Куманово реализираа акција за расчистување на дивата депонија во кумановското село Проевце.

Од депонијата, собрани и изнесени се три камиони со органски, комунален смет, но и градежен шут и отпад.

-Би сакал да се заблагодарам на приватните компании што понудија механизација за расчистување на депонијата и на овој начин покажаа општествена одговорност – изјави директорот на претпријатието, Даниел Стојчевски.

Депонијата е создавана од несовесни граѓани, но и „диви“ превозници кои на оваа место исфрлаат градежен отпад и шут.

Тој апелираше до граѓаните совесно да се однесуваат кон еднаш исчистените локации. Вчера, беше расчистена „дивата“ депонија под Спомен костурницата, а следнаа за чистење е депонијата на регионалниот пат Куманово-Свети Николе, кај населбата „Иго Тричковиќ“.

На подрачјето на Куманово има седум поголеми „диви“ депонии и околу десетина помали.