Со парцелизација на ридот Љубаш во непосредна близина на Кавадарци и расчистување на постоечките полски патишта и патеки во пределот помеѓу мал и Голем Љубаш општина Кавадарци ќе се брани од шумски пожари. Оваа превентивна акција за заштита од пожари општина Кавадарци ја спроведува во координација со Територијалната против пожарна единица и ЈП „Македонски шуми“ подружница „Бор“.

Се работи за чистење на патеки во должина од околу четири километри кои служат како брана за спречување од ширење на евентуални можни пожари и полесно движење на противпожарните единици.

Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев смета дека оваа акција е од големо значење за превентивно делување во случај на пожар, и што е исто така многу важно, со релативно мал зафат реализиран од службите во општината кои се надлежни за пожарите, ќе се овозможи поефикасна интервенција на ПП екипи.

Од „Македонски шуми“ информираат дека вакви превентивни акции се спроведувале
на територијата на општина Кавадарци пред повеќе децении, но нивната ефикасност целосно го оправдува нивното повторно спроведување со цел да се превенираат евентуални пожари на ридот Љубаш пошумен со борова шума. Ми.М.