Концерт на академски хор „Мирче Ацев“ од Скопје ќе се одржи вечерва ( четврток 20 септември) од 20 часот во изложбениот салон на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.

На програмата се композиции од Рахманинов, Мокрањац, Шуплевски и други автори, како и сплет песни од Тоше Проевски во аранжман на Д. Темков. Пијано придружбата е на Тамара Коминовска, а диригент е Јасмина Ѓорѓеска. Публиката ќе може да ужива во изведбите на „Чае Шукарие“, „Инсталата Италиана“, „Рум, рум, рум“и др.

Академскиот хор “Мирче Ацев” е дел од АКУД при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” – Скопје. Постои од основањето на здружението во 1949 година. Од тогаш, па се до денес, хорот опстојува одржувајќи многубројни успешни настапи и освојувајќи голем број на награди на фестивали низ целиот свет, меѓу кои Прва награда Ланголен-Англија 1962; Четврта награда-Хорски фестивал во Арецо-Италија – 1963; Трета награда-Хорски фестивал во Корк-Ирска 1973; серија концерти во Франција, Полска, Англија, Италија, Бугарија, Унгарија, Романија, Холандија и други земји.

Како Универзитетски хор, Академскиот хор “Мирче Ацев” има многу богата соработка со другите универзитетски хорови во Европа како што се: Универзитетскиот хор од Неапол-Италија, Сорбона-Франција, Крајова-Романија, Вроцлав-Полска, Софија-Бугарија, Ла Лагуна Тенерифе-Канарските Острови.

Ка.М.