Фото: Зоран Антоски

По вчерашните рекордни вредности на аерозагадување, кога во Кичево беа измерени 982 микрограми ПМ 10 честички на метар кубен, денес вредностите се нешто пониски но далеку од нормалата за овој период од годината, кога вообичаено мерењата константно покажуваат аерозагадување под дозволената граница од 50 микрограми.

Во текот на денешниот ден околу 10 часот беа измерени највисоките 282 микрограми на метар кубен ПМ 10 честички. Моменталните вредности се нешто пониски и изнесуваат 159 микрограми на метар кубен. Состојбата нема да се нормализира сѐ додека ветровите и јужното струење од Сахара носат ситни честички песок, кои придонесоа и планините околу градот да бидат целосно замаглени и речиси е невозможно да се забележат. Постарите и хронично болните лица и денес имаат потешкотии при дишењето и чуствуваат печење во очите.

– Иако можеме да излегуваме во текот на целиот ден, проблемите со нечистиот воздух присилно не оставија дома. Тешко се дише, маски да носиме за цело време додека сме надвор е тешко и жешко па затоа одлучивме денот да го поминеме дома. Единственото излегување е во сопствениот двор. Сѐ додека не се расчисти воздухот ќе бидеме претежно дома – велат Петар и Иван, постари жители кои поради хроничните здраствени проблеми апстинираат од редовните прошетки.

Покрај коронавирусот, и  аерозагадувањето ги претвори постарите жители на градот да бидат заложници во своите домови.