Сто невработени лица од денеска во наредните два месеци ќе се обучуваат за персонални асистенти за инвалидни лица, мерка чија цел е преку обука да се зголеми вработливоста на евидентираните невработени лица со стекнување на потребни знаења и вештини од областа на персонална асистенција за инвалидни лица.

Со овој чекор се исполнува долгогодишното барање на инвалидните лица, што ќе придонесе за нивно независно и самостојно живеење и рамноправно учество во општеството.

Обуките, како што соопштија денеска од Агенцијата за вработување на РМ, ќе траат два месеци, а во нив се вкучени 100 невработени лица евидентирани во Агенцијата за вработување на РМ.

Ќе бидат опфатени седум града и тоа: Скопје, Куманово, Битола, Гостивар, Струга, Струмица и Неготино.

Лицата кои успешно ќе ја завршат обуката ќе се стекнат со сертификат издаден од верификуван спроведувач на обука, односно Црвениот крст на Република Македонија.

Мерката, е дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2018 година.