Ќе се чистат песокот и ризлата од улиците

126

КИЧЕВО

Ризлата и песокот што претходната недела беа нафрлани на градските улици и тротоари во Кичево како абразивен материјал за да нема пролизгување на автомобилите и безбедно да се движат пешаците, од денеска ќе почнат да се чистат. Екипи на ЈКП „Комуналец“ ќе ја спроведат оваа акција што ќе заврши откако ќе биде отстранет овој слој од сите градски сообраќајници, најави директорот на ова претпријатие, Зенел Јонузи.
– За да ја подобриме хигиената на градските улици во Кичево, од утре ќе пристапиме кон темелно чистење на песокот и ризлата што беа нафрлани на сообраќајниците и тротоарите пред една недела, поради снегот и мразот, за да се подобри абразивноста на подлогата и за да можат многу побезбедно да се движат автомобилите и пешаците на тротоарите. Во оваа акција ќе бидат вклучени повеќемина наши работници и целата операција ќе трае додека се отстрани ризлата и од последната градска сообраќајница – вели директорот Јонузи.

Со овој зафат ќе се подобри хигиената во градот и ќе се намали загадувањето на воздухот, бидејќи при побрзо движење на автомобилите, ситните честичките од ризлата се креваат во воздухот, со што се зголемуваше и загадувањето на воздухот.
Директорот Јонузи посочи дека единствено на магистралниот пат во оваа операција треба да се вклучат и вработени од „Македонија пат“ за чистење на оваа делница, поради ингеренциите што ги има оваа компанија за одржување на овој транзитен пат и на целата магистрала на релацијата Скопје – Охрид.
– Нашето комунално претпријатие има обврска да се грижи за хигиената на сите градски сообраќајници со исклучок на магистралниот пат што поминува низ Кичево и врз кого ингеренции има „Македонија пат“, како за негово осветлување, така и за крпење на асфалтот и за одржување на хигиената.

Токму затоа очекуваме покрај нашите екипи во отстранувањето на ризлата и ѓубрето од магистралниот пат во работата да се вклучат и вработени од „Македонија пат“ за целосно и квалитетно да се заврши и овој зафат. Се надеваме дека во наредните десетина дена оваа операција ќе заврши во целост и ќе добиеме многу почист град, што е и наша секојдневна обврска – додаде директорот Јонузи.
Наскоро е најавено и пролетно крпење на ударните дупки, а ќе започнат и проекти од областа инфраструктурата и проекти од програмата за годинава.