Ќе се лекуваат и реинтегрираат маргинализирани лица

80

СТРУМИЦА

Проектот „Академија за реинтеграција на маргинализирани лица“ преку Центарот за развој на југоисточниот плански регион, во партнерство со здружението за советување, лекување, реинтеграција и ресоцијализација на лица зависни од психоактивни супстанци „Избор“ од Струмица, поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка и од Министерството за локална самоуправа, е навистина еден уникатен пример како да им се помогне на оние што се зависници од психоактивни супстанции, од алкохол, дрога, и тоа на начин на кој тие ќе бидат ресоцијализирани, не само лекувани.
Токму преку проектот ќе се овозможи унапредување на постојните услуги во југоисточниот регион за подобро вклучување на маргинализираните лица на пазарот на трудот. Во износ од над шест милиони денари е набавена опрема потребна за работно оспособување за пекарство, пакување производи, градинарство и цвеќарство, за збогатување на програмата за реинтеграција за стекнување вештини на професионално оспособување за маргинализирани лица.

– Овој проект во соработка со Министерството за локална самоуправа е навистина еден оригинален пример како да им се помогне на оние што се зависници, на начин на кој тие ќе бидат ресоцијализирани, не само лекувани. Токму тука не само што се рехабилитираат зависниците од психоактивни супстанци туку и работат, се социјализираат, и на тој начин стануваат активни на пазарот на трудот. Овој пример треба да се преслика во други региони во државава, каде што исто така постои проблемот на зависности – рече Зоран Димитровски, заменик-министер за локална самоуправа.

Според Коста Јаневски, градоначалникот на Општина Струмица, ова е уште една успешна приказна во рамките на Општина Струмица, која со голем дел е потпомогната од швајцарската амбасада.
– Овој проект е успешна приказна за општината, така што сѐ повеќе е препознаен во нашата држава и по чиј тек и други заинтересирани региони се обидуваат да создадат една таква комуна што преку работна ангажираност прави реинтеграција на луѓето што се во одреден ризик од одредени зависности да се вратат во општеството – појасни тој.