ЈПКД „Комуналец“ ќе стопанисува со водоводот во Ново Конско

51
Управувањето на „Комуналец“ со водоводот во Ново Конско ќе овозможи корисниците да пијат здрава и квалитетна вода

Гевгелија

Советот на Општина Гевгелија донесе одлука за преземање на водоводот од Mесната заедница на Ново Конско и негово отстапување на ЈПКД „Комуналец“. Советниците на Општина Гевгелија сметаа дека на тој начин ќе се обезбедат услови сите 109 водокорисници во ова населени место да пијат здрава и квалитетна вода.

Инаку, Советот на Oпштина Гевгелија на 47-та седница беше информиран од ЈПКД „Комуналец“ – Гевгелија за состојбата со водоводните системи во населените места Ново Конско и Конско. Водоснабдувачкиот систем во Ново Конско се состои од бунар со пумпна станица, потисен цевковод, примарна и секундарна мрежа и резервоар со капацитет на вода од 50 кубни метри. Меѓутоа, водата нема постојано хлорирање, а како неопходни активности се редовните анализи на водата за пиење, реконструкција на пумпата, оградување на резервоарот, како и замена на дотраените водомери.

Населението во Ново Конско има воспоставено мерење на потрошената вода по домаќинства и нивите до кои има водоводна мрежа. Од страна на ЈПКД „Комуналец“ се дадени повеќе предлози за подобрување на водоснабдувањето во ова населено место. По расправата и прифаќањето на предложените активности, Советот на Општина Гевгелија ја донесе одлука за преземање на водоводот од Mесната заедница на Ново Конско и негово отстапување на ЈПКД „Комуналец“.

– Што се однесува до водоснабдувачкиот систем во населбата Конско, кој се состои од две каптажи со по 1,5 кубен метар вода, резервоар, гравитациски цевковод, примарна и секундарна мрежа, состојбата е незавидна. Од вкупно 80 потрошувачи, половината имаат платено приклучок, но не и другата половина. Многу мал број од водокорисниците имаат водомери што се неисправни, а на доводната линија од каптажите до резервоарите има приклучено пет корисници. Месната заедница во Конско, и покрај донесениот правилник за користење на водата, не е во можност да се справи со ваквата состојба и со дивите приклучоци, кои особено во летниот период предизвикуваат недостиг од вода – сметаат од Општина Гевгелија.

Советот побара ЈПКД „Комуналец“ да направи пресметковна анализа за можноста за санација на водоснабдувачкиот систем во Конско, по што повторно ќе се наврати на ова прашање на наредната седница.